Фото: Принт-скрин

Најмалку две лица загинаа, а осум се повредени во пукотница вечерва во центарот на Тел Авив.

Израелската амбуланта соопшти дека инцидентот се случил во улицата Дизенгоф, полна со луѓе на место на кое има барови и ресторани, како и на неколку други локации околу центарот на градот.

Во соопштението на полицијата се наведува дека мотивот за пукањето е нејасен.

Портпаролот на полицијата, Ели Леви, изјави за израелската телевизија „Канал 13“ дека полицајците биле на местото на нападот. Тој апелира до луѓето да се држат настрана од тоа место.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет ја следи ситуацијата во штабот на израелската армија, кој исто така се наоѓа во централниот дел на Тел Авив, соопшти неговиот кабинет.

Израелските медиуми првин објавија дека, според непотврдени информации, напаѓачот е неутрализиран.

Очевидец на пукањето изјавил дека луѓето се криеле под масите, дека некои почнале да плачат и дека е ужасно.

Полицијата подоцна предупреди дека лицето што пукало можеби сѐ уште е во бегство и дека жителите треба да останат дома.

Тензиите се зголемени по серијата напади во кои беа убиени 11 лица во пресрет на светиот муслимански месец рамазан, кој почна пред една недела, пренесуваат медиумите.

Според последните информации, заднината на инцидентот останува нејасна.