Сместувањето на Ѓоковиќ им даде глас на заборавените мигранти од хотелот „Парк“

Девет родендени во притвор. Мехди ги набројува, 16, 17, 18, 19… доаѓајќи до 24 колку што има години сега. Имам 24 години и уште сум тука. Деновите кои Мехди ги помина против неговата волја во малата хотелска соба доделена од австралиските власти за задржување на бегалците, не се лесни за издржување, пишува „Гардијан“.

– Се обидуваав да осмислам начин како да ги исполнам деновите. Морам да ги преживеам. Спијам колку што можам повеќе, или пак, одам да пушам цигари, гледам филмови и читам книги. Но вообичаено не правам ништо особено. Само лежам во кревет – објаснува Мехди.

Тој и неговиот роднина Аднан Чупани се од Иран. Тие поминаа осум години во австралиските центри за мигранти, а сега се во хотелот „Парк“ во Мелбурн, каде што од неодамна за сосед го добија најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ. Тие немаат контакт со Ѓоковиќ поради протоколите за изолација. Пред хотелот може да се види натпис испишан со креда „те гледаме и те сакаме, остани силен“, наменет за водечкиот светски рекет.

– Постои разочарување. Сите сакаат да ме прашаат за Новак, каков е хотелот за него. Но тие не прашуваат за нас. Ние сме затворени тука со месеци, со години… Никогаш не видов толку многу камери, толкаво внимание. Се надевам дека Новак Ѓоковиќ ќе ја осознае нашата ситуација и се надевам дека ќе зборува за неа – порачува Мехди.

Мехди имаше 15 години кога побара прибежиште во Австралија како член на прогонето малцинство од Иран. Неговото барање беше прифатено, со што Австралија правно се обврза да го заштити, но формалноста на бегалскиот статус не му донесе на Мехди безбедност, ниту нов почеток. Тој беше задржан во Науру, Бризбејн, а потоа и в хотелот „Парк“ во Мелбурн.

На Мехди му била одобрена преселба во САД под договорот од 2016 година со Австралија. Во рамки на спогодбата беа преместени речиси илјада бегалци, но процесот се одвива исклучително бавно, со што на преселбата се чека со години, па многумина губат надеж.

Австралиската влада, пак, инсистира дека најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ не е задржан против неговата волја, додека противниците на вакцинацијата ја критикуваат одлуката за негово сместување во хотел користен за задржување на бегалци и азиланти.

Српскиот тенисер е сместен во хотелот од завчера, по слетувањето во Мелбурн каде што ќе се обиде да стигне до рекордниот 21-ви гранслем-трофеј на претстојниот турнир во Мелбурн. Австралиските власти ја образложија ваквата одлука со неможноста на Ѓоковиќ да прикаже доволно докази во полза на исклучокот врз медицинска основа доделен од организаторот на турнирот. Се очекува судот до понеделник да одлучи по повод жалбата на Ѓоковиќ за визата за престој во Австралија.