Руската специјална воена операција во Украина поттикна брзо преиспитување на партиите што долги години се спротивставуваа да му се приклучат на одбранбениот сојуз

Анализа на пресвртот во поновата скандинавска политичка историја

Одлуката на Шведска и на Финска да му се приклучат на НАТО, како и досега, во голем дел од поновата скандинавска политичка историја, на крајот се падна да ја донесат социјалдемократите. Неодамна, сите очи беа вперени во шведската партија, чии лидери објавија дека го поддржуваат членството во Алијансата, отворајќи го патот за Шведска да поднесе формално барање уште во понеделникот. Со донесувањето на оваа одлука, шведските социјалдемократи се здружија со нивната финска сестринска партија, чија одлука да го поддржи членството во НАТО беше последната поддршка потребна од раководството на нивната земја за да го одобри сопственото барање за приклучување кон западниот одбранбен сојуз. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е поранешен социјалдемократски премиер на Норвешка, вети дека ќе ги забрза процедурите за членство, пишува меѓу другото во анализата на „Политико“ посветена на ова прашање.
Фактот што две социјалдемократски премиерки сега треба да ги водат Шведска и Финска во НАТО претставува извонреден пресврт за партиите што со години го блокираа таквиот развој. На почетокот на март, шведската премиерка Андерсон рече дека пристапувањето во Алијансата ќе ја дестабилизира регионалната безбедност, додека во јануари нејзината финска колешка Сана Марин рече дека не очекува финско членство за време на нејзиниот мандат. Меѓутоа, потоа Русија ја започна својата специјална воена операција во Украина. Следејќи ја политичката умешност што им овозможи на социјалдемократите да доминираат во скандинавската политика во поголем дел од минатиот век, двете лидерки направија внимателно координиран пресврт со извонредна брзина.

„Многу брзо“

По клучниот состанок во Стокхолм, помеѓу Марин и Андерсон, на 13 април, се чинеше појасно дека и Шведска и Финска сериозно размислуваат за пресврт во нивните политики, па, така, финската премиерка истакна дека конечната одлука ќе се знае за неколку недели, а не месеци. Преку интензивен распоред на состаноци дома и во странство набргу потоа, шведските и финските официјални лица постигнаа консензус во нивните партии и национални парламенти, како и со другите лидери на НАТО, дека иднината на двете земји е во Алијансата. Во исто време, јавното мислење на моменти навидум ѝ даваше ветер во грб на оваа нова владина отвореност за членство во НАТО и продолжи да се движи во насока на пристапувањето во Алијансата. Неодамнешното истражување на јавното мислење во Шведска покажа дека 48 отсто од Швеѓаните беа за поднесување барање наспроти 25 отсто против, додека во Финска поддршката за членство во НАТО изнесуваше околу 60 отсто.
Ризикот, еднакво и за шведските и за финските лидери на социјалдемократите, беше губење на кредибилитетот при изведувањето таква драматична промена во одбранбената политика. Решението делумно дојде од шведските и финските централнодесничарски опозициски партии, кои како долгорочни поддржувачи за членство во НАТО можеа да се обидат да освојат политички поени, но во голема мера избраа да не го сторат тоа, навидум во интерес на државата. Телевизиската дебата на партиските лидери во Шведска неодамна беше пријателска, а партиите во финскиот парламент се обидоа да покажат единство во текот на нивните дискусии за членство.

Крај на историјата на неутралност

За Шведска, неодамнешната објава на социјалдемократите го најавува крајот на повеќе од 200 години држење настрана од формалните воени сојузи, а токму во овој период земјата не водеше ниту една војна. Во екот на Студената војна, високиот шведски социјалдемократски премиер Улоф Палме се обиде да ја искористи воената независност на неговата земја за да ги критикува Москва и Вашингтон и да повика на нуклеарно разоружување. Финска, од своја страна, се обиде да воспостави сопствена рамнотежа меѓу Истокот и Западот во повоените децении, држејќи се понастрана од понатамошен конфликт по водењето две брутални војни против Советскиот Сојуз, во периодот од 1939 до 1944 година.
По падот на Советскиот Сојуз, двете нации се приближија до НАТО, потпишувајќи го договорот за соработка Партнерство за мир во 1994 година и ратификувајќи ги таканаречените договори за земјата домаќин во 2016 година, кои им овозможуваат на трупите од Алијансата полесно да дејствуваат на шведска и финска територија. Сепак, процесот на преминување од блиски партнери на НАТО кон полноправни членки сè уште ќе повлекува предизвици за Стокхолм и за Хелсинки.
Москва рече дека предложените пристапи ја загрозуваат безбедноста на Русија и вети контрамерки, вклучувајќи и засилување на своите воени капацитети до границите со двете држави. Некои постојни членки на НАТО, вклучувајќи ја и Турција, исто така изразија загриженост. Шведските власти рекоа дека се состанале со турските колеги во текот на минатиот викенд, за да разговараат за тие проблеми, а финскиот претседател Саули Нинисто рече дека телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин.
За шведските социјалдемократи, се чини дека клучен фактор во последните месеци беше решавањето на прашањето за НАТО пред да започне кампањата за парламентарните избори во септември. Се чини дека партијата е загрижена дека долготрајната дебата за воената стратегија може да го одвлече вниманието од клучните области на политиката каде што смета дека е посилна, како што се социјалната и здравствената заштита. Но, досега, претпазливото прифаќање на членството во НАТО на премиерка Андерсон се чини дека е популарно кај гласачите. Поддршката за социјалдемократите, најпопуларната партија во Шведска, се зголеми на околу 32 отсто од околу 25 отсто во изминатите шест месеци. Нивната сестринска партија во Финска е стабилна на второто место, со околу 19 отсто поддршка.
За главната центристичко-десничарска опозициска партија во Шведска, Умерената партија, очигледната разврска на дебатата за НАТО остави малку горчина. Иако, како и нејзината сестринска партија во Финска, Националната коалиција, се чини дека се бори да собере политички поени во аргументацијата со двете социјалдемократски премиерки што стојат во центарот на вниманието кога дојде време да се ратификуваат одлуките за приклучување во Алијансата, пишува „Политико“.


Финска и Шведска потврдија дека ќе поднесат барање за членство во Северноатлантската алијанса како дел од историската промена во политиката што се должи на руската специјална воена операција во Украина. Русија предупреди дека ќе има „последици“

На неодамнешниот состанок во Берлин, повеќето министри за надворешни работи на НАТО го прифатија северното проширување на блокот, процес што бара едногласност меѓу 30-те сојузници. Земја што изрази загриженост беше Турција, а министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу не е задоволен што Финска и, особено, Шведска имале односи со курдските милитанти што биле активни во источна Турција, објави „Блумберг“.
Откако ќе бидат поднесени формалните апликации, НАТО треба да одлучи дали да го разгледа барањето. Потоа ќе разговара со земјите за нивните обврски како членки пред Советот на НАТО да потпише потенцијален протокол за пристапување. Најдолгиот чекор е ратификацијата од 30-те национални парламенти и целиот процес може да потрае дури една година.

Подготвил: Марјан Велевски