Шумскиот пожар во германскиот национален парк Саксонска Швајцарија сè уште гори и нема изгледи да стивне и покрај слабиот дожд, изјави портпаролот на локалните власти.

Синоќа во дел од паркот во близина на границата со Чешка беа откриени нови жаришта и почна нивното гаснење, изјави Томас Кунц.

Според него, околу 350 припадници на службите за справување со вонредни ситуации денеска биле испратени да го гаснат пожарот. Во текот на денот се очекува да се приклучат уште два хеликоптери, со што вкупниот број ќе се искачи на 10.

Пожарот избувна минатиот викенд во чешкиот национален парк „Боемска Швајцарија“ и во понеделникот се прошири преку границата со Германија. Издадено е предупредување за катастрофа во градовите Бад Шандау и Зебниц.