Фото: Твитер/Ненси Пелоси

Во септември 1991 година, кога бев шеф на кинеското биро на „Си-ен-ен“, ме уапсија поради Ненси Пелоси, пишува Мајк Чиној од американско-кинескиот институт на Универзитетот на Јужна Калифорнија за „Форин полиси“.

– За време на патувањето во Пекинг со делегација на американскиот Конгрес, еден од нејзините колеги ме извести оти Пелоси и уште двајца конгресмени планираат да се оттргнат од официјалната придружба и да го посетат плоштадот „Тјенанмен“. Но не ми беше кажано дека пред камери ќе држат транспарент и ќе положат цвеќе за загинатите во демонстрациите од пред две години. По тој гест, Пелоси и другите членови на Конгресот заминаа, додека кинеската полиција ме приведе мене и другите новинари кои беа присутни, откако не можеше да го стори тоа со странската делегација. Тоа беше мое прво искуство со склоноста на Пелоси за гестови осмислени да му „брцаат во очи“ на кинеското водство, без разлика на последиците – посочува Чиној, , кој моментно е стациониран во Тајпеј.

Сега, во многу поопасен миг и со поголем влог отколку апсењето на новинар, се чини дека претседателката на претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Пелоси, е блиску до реализирање на многу попровокативен гест во август, со предвидената посета на Тајван, што ќе биде прво патување од овој вид на американски претставник од нејзин ранг во изминатите 25 години. И ќе уследи во момент кога кинеско-американските односи се на најниско ниво во изминатите неколку децении. Веќе разлутената кинеска влада предупреди за жесток одговор, ако Пелоси го посети Тајван, поттикнувајќи загриженост за опасна ескалација на веќе тензичната состојба.

Но, околностите во Вашингтон поврзани со можната посета на Пелоси остануваат нејасни, и покрај големиот влог. Информацијата за посетата на Тајван излезе во „Фајненшл тајмс“ врз основа на тврдењата на повеќе анонимни извори. Сега, кога планот излезе на виделина, САД се соочуваат со дилема. Ако Пелоси се откаже, ќе се стекне впечаток дека Кина ги одредува границите за односите на САД со Тајван. Ако Пелоси, пак, ги игнорира предупредувањата на Пекинг, таа би можела да поттикне опасна нова криза.

Се поставува прашањето што точно сака Пелоси да постигне? Планираната посета во поголема мера е симболична отколку суштинска – фотосесија што ќе ѝ овозможи на Пелоси да му „брцне во око“ на Пекинг, како што тоа го стори претходно. Но за разлика од 1991 година, ако сегашната ситуација ескалира, ќе има последици, заклучува Чиној.

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Си Џинпинг утре ќе разговараат телефонски, како што пренесува „Фајненшл тајмс“. Тоа ќе биде нивен петти разговор откако Бајден стапи на функцијата пред 18 месеци. Се очекува да разговараат на повеќе теми, вклучувајќи ги воените предизвици и технолошката конкурентност, но тие планови наидоа на компликации, токму поради предвидената посета на Пелоси на Тајван во август, како што наведува британскиот весник.

Кина ќе преземе „одлучни и силни мерки“ доколку Пелоси не се откаже од намерата да го посети Тајван, предупреди претходно кинеското Министерство за надворешни работи. Пекинг се спротивставува на какви било официјални контакти на Тајван со други земји, бидејќи го смета островот за дел од својата територија.