Фото: Федерална Влада на Германија

Не е доволно да се зборува за перспективата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан, туку треба активно да се охрабрува, истакна денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.

Во своето обраќање на Минхенската безбедносна конференција, Шолц рече дека кога зборува за ЕУ, мисли и на земјите од Западен Балкан.

– Не е доволно да се зборува за перспективата за проширување на Унијата во тој регион како стратешка цел. Тоа мора активно да го поттикнуваме, нагласи германскиот канцелар.

Шолц посочи дека е потребна јасност за нивото на амбициите на ЕУ во однос на сопствената безбедност и европскиот суверенитет.

– Ние Европејците ќе ја задржиме нашата способност за дејствување, нашата автономија во одлучувањето, само ако ги обединиме нашите желби и способности во ЕУ – подвлече тој.

Според него, европскиот суверенитет значи да се остане „сила меѓу силите“.

За да се постигне тоа, треба волја да се дејствува како „сила меѓу силите“, да постојат заеднички стратешки цели и способност да се реализираат тие цели, нагласи германскиот канцелар.