Олаф Шолц (инстаграм)

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Катар ќе има централна улога во новата енергетска стратегија на Германија.

Во Берлин, Шолц се сретна со катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани, а по средбата истакна дека двете земји ќе ги подобрат своите економски врски и енергетската соработка.

– Германија дополнително ќе ја развива својата енергетска инфраструктура за да можеме со бродови да увезуваме доволно количество течен природен гас. Катар игра централна улога во нашата стратегија – рече Шолц, кој веќе некое време ги најавува плановите на Берлин да стави крај на неговото потпирање на руската енергија како одговор на војната во Украина.

Катарскиот емир шеик Тамим бин Хамад Ал-Тани изјави дека неговата земја неодамна направила големи инвестиции во секторот за течен природен гас (ЛНГ) и со задоволство ќе придонесе за стабилноста на енергетските пазари.

Тој нагласи дека Катар ќе го зголеми производството на ЛНГ во наредните години и ќе биде во позиција да ја зголеми својата понуда.

– Ќе дадеме се од себе за енергетската безбедност во Европа, дури и во овој период – рече шеикот Ал Тани