Фото: Федерална Влада на Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги критикуваше плановите на Владата во Лондон за унилатерална примена на Протоколот за Северна Ирска од договорот за брегзит.

„Се работи за несреќна одлука на британската Влада“, рече Шолц вчера по средбата со словачкиот премиер Едуард Хегер во Берлин.

– Тоа е отстапување од сите договори што ги постигнавме меѓу Европската Унија и Велика Британија. И нема причина за тоа. ЕУ ќе реагира едногласно, со сите расположиви алатки – рече канцеларот.

Властите на Велика Британија сакаат да ги укинат сите проверки на стоки договорени во Протоколот за Северна Ирска за заштита на единствениот европски пазар и да ги заменат со доброволен договор.