фото: Пикселс

Северна Кореја пријави уште 269.510 случаи со симптоми на треска и шест смртни случаи во време кога земјата се соочува со ширење на епидемија до недијагностициран ковид-19.

Според севернокорејскиот штаб за борба против вирусот починале 56 луѓе, а повеќе од 1,48 милиони луѓе се разболеле од треска од крајот на април. Се претпоставува дека поголемиот дел од тие случаи се ковид-19.

Во Северна Кореја најмалку 663.910 луѓе се во карантин, а државните медиуми не наведуваат колку од случаите со треска се потврдени дека се ковид-19.

Најверојатно на Северна Кореја и недостасува опрема за тестирање за да ги потврди инфекциите со коронавирус, а нејзиниот одговор на вирусот е главно изолација на луѓе со симптоми. Неуспехот да се забави ширењето на вирусот може да има тешки последици за Северна Кореја, со оглед на нејзиниот слаб здравствен систем и верувањето дека нејзините 26 милиони луѓе не се вакцинирани. Земјата, исто така, се соочува со неисхранетост и сиромаштија.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун нареди на војската да ја стабилизира дистрибуцијата на лекови за ковид-19 во Пјонгјанг, во борбата против првото потврдено избивање на вирусот во земјата, јавија државните медиуми.

Минатата недела, Северна Кореја информираше за првото избивање на „експлозивна“ епидемија, откако над две години тврдеше дека во земјата нема заразени. Експерти предупредуваат оти тоа може да предизвика бројни проблеми во земјата, што е ограничена со медицински залихи и без програма за вакцинација.

Лекови што ги набави државата, не стигнувале до поединци навремено и точно, истакна Ким на итниот состанок на Политбирото во текот на вчерашниот ден. Потоа, лидерот ги посети аптеките низ главниот град на земјата, наведуваат медиумите.

Ким нареди итно распоредување на „моќните воени сили“ за да се „стабилизира снабдувањето со лекови во градот Пјонгјанг“, пишуваат медиумите.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун изјави дека ширењето на ковид-19 ја довело земјата во „големи превирања“ и повика на сеопфатна битка за надминување на епидемијата, по 21 нов смртен случај еден ден претходно.

Северна Кореја минатата недела ја призна својата прва епидемија на „ковид без преседан“, откако повеќе од две години тврдеше дека немаат инфекција.