САД, на утрешниот Самит на НАТО, планираат „специфични најави“ за „нов и долгорочен воен ангажман на копно, на море и во воздух“ во Европа, изјави денеска висок советник на претседателот Џо Бајден.

Џејк Саливан, главниот дипломатски и воен советник на Бајден, на летот на Ер Форс Уан за Мадрид, каде што се одржува Самитот на НАТО, рече дека „голем број земји“ исто така ќе „ветат дека ќе го зголемат својот одбранбен придонес на источното крило, со акцент на Балтикот“.

За време на денешните разговори со шпанскиот премиер Педро Санчез, американскиот претседател, исто така, планира да објави дека САД ќе го зголемат бројот на воени бродови-разорувачи во јужното воено пристаниште Рота од четири на шест.

– На крајот од Самитот ќе има посилен, поефективен и покредибилен систем кој ќе ја земе предвид поакутната и сериозна руска закана, не само поради она што го направи во Украина, туку и поради начинот на кој Русија го промени својот став кон Белорусија – рече Саливан.

Русија планира во наредните месеци да ги стационира своите ракети Искандер, кои можат да носат нуклеарни боеви глави, во Белорусија, објавија во саботата рускиот претседател Владимир Путин и неговиот белоруски колега Александар Лукашенко.

За тоа прашање Саливан истакна дека е важно „што се случува на теренот“, а не во разговорот меѓу двајцата лидери.

– Се разбира, ако распоредувањето на руската армија, вклучувајќи ги и нуклеарните капацитети, продолжи, тоа е грижа за целата Алијанса – додаде тој.