Фото: Твитер/НАТО

САД и НАТО се подготвени да го продолжат реципрочниот дијалог со Москва, се вели во соопштението на Стејт департментот, по телефонскиот разговор меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

– САД и НАТО се подготвени повторно да се сретнат со Русија и се посветени на продолжување на дипломатијата и реципрочниот дијалог – се вели во писмената изјава на портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс.

Тој изјави дека Блинкен и Столтенберг зборувале телефонски, со цел да разговараат за понатамошните чекори по состанокот на Советот НАТО-Русија на 12 јануари, пренесуваат агенциите.

На 17 декември 2021 година, Министерството за надворешни работи на Русија објави нацрт-договор за безбедносни гаранции меѓу Русија и САД и нацрт-договор кој ја гарантира безбедноста на Русија и земјите-членки на НАТО.

Консултации за ова прашање беа одржани во Женева на 10 јануари, по што следеше состанок на Советот Русија-НАТО во Брисел на 12 јануари и седница на Постојаниот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Виена во јануари.

Западот и Киев ја обвинуваат Русија дека подготвува инвазија на Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека таквите тврдења се празни и неосновани и служат како изговор за ескалација на тензиите, нагласувајќи дека Русија не претставува закана за никого.