Фото: Архива

Руското Министерство за надворешни работи денеска оцени дека влезот на Шведска во НАТО ќе предизвика значителна штета на безбедноста на Северна Европа и на европскиот континент во целина и предупреди дека Русија ќе биде принудена да преземе одмазднички чекори.

Во соопштението на руското Министерство се наведува дека Русија ќе биде принудена да преземе одмазднички чекори, како воено-технички, така и од друга природа, за да ги запре заканите за нејзината национална безбедност.

– Во овој поглед, многу ќе зависи од специфичните услови за интеграција на Шведска во Северноатлантската алијанса, вклучително и изгледите за распоредување на офанзивниот вооружен систем на овој воен блок на шведска територија-се наведува во соопштението.

Руското министерство оцени и дека членството на Шведска во НАТО нема да ја зајакне нејзината безбедност, туку ќе доведе до губење на суверенитетот при носењето на надворешно-политичките одлуки.

Шведската влада денеска донесе одлука да поднесе барање за влез во НАТО.