Казахстан

Повеќе од 2.000 војници од Организацијата на договорот за колективна безбедност предводена од Русија почнаа да се повлекуваат од Казахстан, соопшти Москва. Војниците беа повикани да помогнат во стабилизирањето на централноазиската држава по крвавите немири предизвикани од зголемувањето на цената на горивото.
– Колективните мировни сили почнуваат да подготвуваат опрема и материјал за натоварување во авионите на воената транспортна авијација на руските воздушни сили и враќање на точките на постојано распоредување – се вели во соопштението на руското министерство за одбрана.
Инаку, Организацијата на договорот за колективна безбедност, сојуз составен од Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Ерменија и Таџикистан, наведува дека повлекувањето треба да потрае околу десет дена. Војниците пристигнаа во Казахстан минатата недела, откако претседателот Касим Жомарт Токаев на 5 јануари прогласи вонредна состојба и побара од блокот воена помош кога протестите станаа смртоносни, со судири меѓу безбедносниот персонал и толпи на градските улици низ целата земја. Засега точниот број на загинати во насилството останува нејасен.

Подготвил: Дејан Србиновски