Фото: МНР на Белорусија

Киев и Москва денеска ја продолжија четвртата рунда преговори, соопшти шефот на украинската преговарачка делегација Михаил Подолјак, информирајќи дека на дневен ред се преговорите за прекин на огнот.

– Консултациите започнаа. Општи одредби на дневен ред. Прекин на огнот, повлекување на војниците од нашата територија – напиша Подолјак, кој е и советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Четвртата рунда разговори започна вчера со видеоконференција, но делегациите најавија „техничка пауза“ и соопштија дека ќе продолжат да разговараат денеска. Изјавите на двете делегации во последните денови беа со благ оптимизам.

Советникот на украинскиот претседател, Олексиј Арестович, вчера изјави дека војната во Украина веројатно би можела да заврши на почетокот на мај кога Русија ќе снемаат ресурси за напад. Претседателот Зеленски рече дека Русите „почнале да сфаќаат дека нема да постигнат ништо со војна“.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска истакна дека руско-украинските преговори продолжуваат за обезбедување на воена неутралност на Украина, во контекст на нејзината демилитаризација.

– Продолжуваат преговорите за обезбедување на воена неутралност на Украина, во контекст на безбедносни гаранции за сите учесници во процесот, во контекст на демилитаризацијата на Украина, за да нема закани за Русија од нејзината територија и во контекст на прекинување на политика за нацификација на земјата – рече Лавров по средбата со иранскиот колега Амир Абдолахиан во Москва.

Во меѓувреме, руските сили продолжуваат да ги бомбардираат украинските градови. Најмалку четири лица загинаа во воздушните напади врз Киев во вторникот.