Руските власти соопштија дека се разочарани од сигналите од Вашингтон и Брисел во пресрет на разговорите во Женева, Швајцарија. Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва не е оптимист за разговорите и дека САД инсистираат на еднострани отстапки од страна на Русија.

Претставници на Белата куќа соопштија дека американските и руските дипломати најверојатно ќе имаат почетен разговор во Женева вечерва, пред да ја одржат својата главна средба утре. Стратешки и безбедносен дијалог во Женева треба да биде проследен со дискусии меѓу Русија и членките на НАТО на 12 јануари.
Состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) кој ги вклучува САД, Украина и Русија е закажан во Виена на 13 јануари.

Серијата состаноци доаѓаат по повеќенеделните дипломатски тензии околу распоредувањето на руските војници во близина на нејзината граница со Украина.