Дмитриј Песков/Фото: Кремљ

Русија порача дека е јасно оти САД не сакаат да одговорат на нејзините главни безбедносни грижи, но ја држат вратата отворена за понатамошен дијалог, пренесува „Ројтерс“. САД и НАТО вчера доставија писмен одговор на барањата на Русија за реосмислување на безбедносните гаранции за Европа, донесени по Студената војна.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков порача дека на Москва ѝ е потребно време да го разгледа одговорот и дека нема да брза со заклучоци, но оти ставовите на САД и на НАТО, кои ги сметаат главните барања на Русија за неприфатливи, не оставаат значителен простор за оптимизам.

– Врз основа на она што нашите колеги од САД и од НАТО го кажаа вчера, потполно јасно е дека за главните категории потенцирани во тие предлог-документи… не можеме да кажеме дека нашите размислувања беа земени предвид или дека била покажана волја за земање предвид на нашите грижи. Но нема да брзаме со заклучоци – кажа Песков.

Ставот на Кремљ сугерира дека Русија не ги отфрла одговорите на САД и на НАТО, ниту пак ја затвора вратата за дипломатијата. Заменик-државната секретарка на САД, Викторија Нуланд, пак, кажа дека САД се надеваат оти Русија ќе го разгледа понуденото од Вашингтон и ќе се врати назад на преговарачката маса.