Русија и Кина заеднички развиваат високотехнолошки оружја додека остваруваат соработка во областа на безбедноста, изјави денеска рускиот претседател, Владимир Путин, на традиционалната годишна прес-конференција.

– Со Кина соработуваме на полето на безбедноста. Вооружените сили на Кина се опремени со најнапредни системи за оружје. Дури и заедно развиваме одредени видови високотехнолошки оружја. Соработуваме во сферата на вселената и производството на авиони и хеликоптери – рече Путин, а пренесува руската агенција ТАС С.

Путин ги пофали руско-кинеските стратешки врски како фактор на стабилизација на глобалната сцена.

– Ова е целосно сеопфатно стратешко партнерство, кое е без преседан во историјата, барем меѓу Русија и Кина. Секојдневната активна работа е поволна и за Кинезите и за Русите и останува сериозен стабилизирачки фактор на меѓународната сцена – заклучи Путин.