Фото: Твитер

Ривалството помеѓу САД и Кина изразено преку соочувањето на нивните идеологии, борбата против ковид-19 засилена со новите лекови, терапии и вакцини, како и можноста за појава на инфлации, се издвојуваат како главни прашања што ќе го преокупираат светот во годината што доаѓа, според листата на 10 тренда на кои треба да се внимава во 2022 година, која традиционално секоја година ја составува Том Стендиџ, заменик-уредникот на британскиот магазин „Економист“.

– Ако 2021 беше година во која светот успеа да ја промени состојбата во борбата против пандемијата, 2022 година ќе биде во знакот на потребата за прилагодување кон новите реалности, во областите обликувани од кризата (новите начини на работа и на патување), додека се продлабочува наметнувањето на трендовите (подемот на Кина и забрзувањето на климатските промени) – пишува Стендиџ.

Во продолжение следуваат 10-те прашања на кои треба да се внимава во 2022 година.

1. Демократија наспроти автократија

Изборите за Конгресот на САД, како и конгресот на Комунистичката партија на Кина јасно ќе го прикажат контрастот помеѓу ривалските политички системи. Кој е подобар во обезбедување стабилност, раст и иновација? Ривалството ќе се одвива на сите полиња од трговијата до технолошката регулација, односно од вакцинацијата до вселенските станици. Додека американскиот претседател Џо Бајден се обидува да го обедини „слободниот свет“ под барјакот на демократијата, неговата дисфункционална, поделена држава е слаба реклама за нејзините вредности.

2. Од пандемија до ендемија

Пристигнуваат нови антивирусни лекови, подобрени терапии со антитела и уште повеќе вакцини. За вакцинираните во развиениот свет, вирусот веќе нема да биде животозагрозувачки. Но се уште ќе претставува смртна опасност за светот во развој. Доколку не се засили вакцинацијата, ковид-19 ќе стане една од многуте ендемиски болести кои ги измачуваат сиромашните, но не и богатите.

3. Загриженост за инфлација

Синџирите за снабдување и потребата за снабдување со енергија ги зголемија цените. Централните банки велат дека тоа е привремено, но не сите им веруваат. Велика Британија е под особен ризик од стагфлација (состојба која се карактеризира со општ скок на цените со пад на производството – н.з.) поради недостигот на работна снага предизвикан од брегзит, како и поради нејзината зависност од скапиот природен гас.

4. Иднината на работата

Постои широк консензус дека иднината е „хибридна“, како и дека повеќе луѓе ќе работат од дома. Но има простор за несогласување околу деталите. Колку и во кои денови ќе се работи? Дали ваквата состојба ќе биде праведна? Анкетите покажуваат дека жените се помалку расположени за враќање во канцелариите, па можеби се во ризик да бидат прескокнати кога станува збор за напредувањето во работата. Истовремено се расправа и за даночните прописи, како и за надзорот на оние што работат на далечина.

5. Нов отпор кон технолошките гиганти

Регулаторите во Америка и во Европа со години се обидуваат да ги зауздат технолошките гиганти, но сѐ уште не успеваат да нанесат удар врз нивниот развој или профит. Сега Кина го презема водството справувајќи се со нејзините технолошки компании. Претседателот Си Џинпинг сака тие да се фокусираат кон технологија што овозможува геостратешка предност, а не кон видеоигрите или шопингот. Но дали ова ќе ја подобри кинеската иновација или ќе ја попречи динамиката на индустријата?

6. Криптовалутите созреваат

Како сите дисруптивни технологии, криптовалутите се одомаќуваат како што регулаторите ги заоструваат прописите. Централните банки исто така ги разгледуваат можностите за покренување на нивни централизирани дигитални валути. Резултатот е тристрана борба за иднината на финансиите, меѓу криптозаедницата, компаниите на традиционалните технологии и централните банки, која ќе се засили во 2022 година.

7. Климатска криза

Дури и додека се зголемува зачестеноста на шумските пожари, топлотните бранови и поплави, преовладува упадливото отсуство на итност меѓу политичарите, кога станува збор за справување со климатските промени. Згора, декарбонизацијата бара соработка помеѓу Западот и Кина додека се продлабочува нивното геополитичко ривалство. Внимавајте на тимот за соларно-геоинженерско истражување на „Харвард“. Во 2022 година тие имаат намера да ја тестираат употребата на балон кој треба да ослободи прав што ќе ја придуши сончевата светлина – техника која би можела да биде потребна за „купување“ на време при декарбонизацијата на светот.

8. Проблеми со патувањето

Активноста се засилува со повторното отворање на економиите. Но државите со т.н. „нула-ковид“ стратегија, како Австралија и Нов Зеланд се соочуваат со незгодната задача за управување со транзицијата во свет во кој вирусот е ендемски. Во меѓувреме, околу половина од бизнис-патувањата веќе се минато. Тоа е добро за планетата, но лошо за туристите.

9. Вселенски трки

Претстојната 2022 ќе биде прва година во која во вселената ќе одат повеќе патници кои плаќаат билети, во однос на вработените во државните инситуции, што ќе се спроведува преку ривалските компании за вселенски туризам. Кина ќе ја заврши нејзината нова вселенска станица, а филмаџиите се обидуваат да снимаат во услови на нулта гравитација. НАСА, пак, планира да урне вселенска сонда на астероид, во мисијата која звучи како да е од холивудски филм.

10. Политички соочувања

Зимските олимписки игри во Пекинг и Светското првенство во Катар ќе бидат потсетници за тоа како спортот може да го сплоти светот, но и како големите спортски натпреварувања често можат да завршат како фронтови за политичко соочување. Очекувајте незадоволство кон двете земји-домаќини, иако бојкотот на учесниците не делува како веројатна можност.