Рускиот претседател Владимир Путин вети дека безбедносниот блок предводен од Москва ќе ги заштити сојузниците од т.н. „шарени револуции“ во соседството, откако минатата недела испрати трупи за да ги смират протестите во Казахстан, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Тој порача дека силите предводени од Русија ја обезбедуваат клучната инфраструктура во Казахстан за да ја нормализираат ситуацијата и да го вратат редот во државата. Неговите забелешки ја потенцираат определбата на Москва за поддршка на сојузниците меѓу поранешните советски републики против уличните протести, за кои рускиот лидер го обвини странското мешање.

– Се разбира дека разбираме оти настаните во Казахстан не се првите и нема да бидат ниту последните меѓу обидите за мешање во внатрешните работи на нашите држави – порача Путин.

Тој тврди дека демонстрантите употребувале „технологии од Мајдан“, што се однесува на протестите од 2014 година кои го соборија од власт прорускиот претседател во Украина, а поттикнаа и други движења во Грузија, Украина и во Киргистан во текот на првата деценија од 21-век.

– Нема да дозволиме никој да ја дестабилизира ситуацијата во нашиот дом и нема да дозволиме да се одвиваат таканаречените „шарени револиции“ – категоричен е Путин.

Во немирите во Казахстан кои почнаа поради зголемувањето на цените на горивото и природниот гас, досега загинаа најмалку 164 луѓе, а повеќе од осум илјади беа уапсени, според државните власти.