Владимир Путин / Фото: Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин ја прифати поканата на Индонезија да учествува на самитот на Г20, но деталите се уште се прецизираат, изјави денеска Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател, објави руската новинска агенција ТАСС. Не е утврдено дали Путин лично ќе присуствува на состанокот или ќе учествува преку видео врска.

„Не знам. Засега, тие испратија покана за лично учество, но има уште многу време. Се надевам дека ситуацијата со пандемијата ќе дозволи да се одржи овој важен форум лице в лице. Би сакал да избегнам нагаѓања“, изјави Ушаков.

Тој информираше дека ова, меѓу другото, ќе биде тема на разговор за време на посетата на индонезискиот претседател Јоко Видодо на Москва, на 30 јуни.

Самитот на Г20 е планиран да се одржи на Бали, на 15 и 16 ноември годинава.