Владимир Зеленски, Емануел Макрон и Владимир Путин (од лево кон десно) во Париз во 2019 година/Принт-скрин

Првата рунда на директни преговори помеѓу Русија и Украина по повеќе од три недели не издејствува прекин на огнот, но отвори потенцијална можност за средба помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Владимир Зеленски, на која тие би разговарале за решавање на конфликтот, објавува „Блумберг“.

Зеленски во повеќе наврати повикуваше на директни разговори со Путин, но неговите апели беа одбиени. Двете страни сега дадоа назнаки дека можеби постои основа за таква средба.

Русија е подготвена да понуди претседателски состанок при истовремената средба помеѓу министрите за надворешни работи за иницирање на прелиминарен договор, според шефот на рускиот преговарачки тим со Украина Медински.

Претходно се појавија знаци на раздор додека сојузниците во НАТО разговараа за условите на потенцијалниот мировен договор помеѓу Русија и Украина, пренесува американската агенција. Со влегувањето на војната во вториот месец се јавија повеќе дилеми во врска со условите кои би се сметале за прифатливи од страна на Украина, особено околу безбедносните гаранции за Киев.

Постојат различни размислувања и за дополнителната воена помош за Украина, како и за тоа дали разговорите со рускиот претседател Владимир Путин би биле од корист, според упатените во дискусијата помеѓу лидерите во НАТО и документите во кои имал увид „Блумберг“.

Дел од спротивставените мислења излегоа на виделина во текот на изминатиот викенд при изјавите на Џо Бајден за Владимир Путин кои беа критикувани.

– Париз и Берлин се залагаат за дијалог со Кремљ, но дел од членките на НАТО веруваат дека таквиот чекор би бил контрапродуктивен и од полза на Путин. Обединетото Кралство, Полска и други држави од Централна и Источна Европа, со исклучок на Унгарија, се скептични дека рускиот претседател е сериозен во намерата за преговарање на прифатлив мировен договор – тврди Блумберг.