Владимир Путин/Фото: Твитер-профил на рускиот претседател

Пораките на Кремљ ги оставаат во неизвесност западните политичари и експертите за Русија, покажувајќи ја желбата на рускиот претседател Владимир Путин да ги држи ривалите на штрек, пишува „Њујорк тајмс“.

Кој е следниот потег на Москва во врска со ситуацијата во Украина? Никој не знае освен Путин, а токму тоа е неговата цел. Мистеријата за намерите на рускиот лидер останува „во густа магла“, откако рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков предупреди, дека неможноста за исполнување на руските барања би можела да ја доведат во ризик безбедноста на целиот европски континент, по дводневните разговори со САД, наведува американскиот весник.

– Стручното мислење кое можам авторитативно да го истакнам гласи – кој побогу знае – изјави Фјодор Луканов, аналитичар за руската надворешна политика, одговарајќи на прашањето на „Њујорк тајмс“ за следните потези на Москва.

Аналитичарите велат дека ниту членовите на најблискиот круг на Путин, не ги знаат намерите на рускиот претседател за Украина, ниту какви американски отстапки тој е подготвен да прифати за смирување на кризата. Дел од упатените руски и американски експерти сметаат дека Путин веројатно уште не донел одлука, со што ужива во можноста да го држи Западот на штрек.

Денеска е предвидена средба меѓу претставниците на Русија, на САД и на НАТО-сојузниците во Брисел, а разговорите ќе продолжат и при утрешното заседавање на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).