Фото: Твитер/Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин денеска соопшти дека Русија ќе прифати плаќања само во рубљи за испорака на гас за „непријателските земји“, кои ги вклучуваат сите членки на ЕУ, откако Москва беше погодена од невидени санкции поради нејзината инвазија Украина.

– Русија отсега ќе прифаќа плаќање за извозениот природен гас во непријателските земји само во рубљи. Одлучив да воведам сет мерки за пренос на плаќањето за нашите испораки на гас до непријателските земји во руски рубљи – изјави рускиот претседател Владимир Путин на денешната владина средба, која беше пренесувана во живо на телевизија.

Тој им даде рок од една недела на Централната банка и на владата за да ја утврдат процедурата за операции за купување рубљи на домашниот пазар за увозниците.

Путин додаде дека Русија ќе продолжи да испорачува гас во согласност со обемот и принципите на цените на договорите. Ќе се промени само валутата на плаќање.

Рускиот лидер објасни дека Русија планира да се откаже од сите „компромитирани“ валути во плаќањата. Тој додаде дека нелегитимните одлуки на голем број западни земји за замрзнување на средствата на Русија ја уништиле сета доверба во нивните валути.

На списокот на странски земји и територии одобрен од руската влада, кои како што се наведува, претставуваат непријателски дејствија против Русија, нејзините компании и граѓани, се наоѓа и Македонија, а други земји од регионот се Црна Гора и Албанија.

Меѓу другите, се и САД, Канада, земјите членки на ЕУ, Обединетото Кралство, Украина и Швајцарија. На листата се и Андора, Исланд, Лихтенштајн, Монако, Норвешка и Сан Марино, како и Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Микронезија, Нов Зеланд, Сингапур и Тајван.