Финскиот претседател Саули Нинисто и премиерката Сана Марин соопштија дека го поддржуваат приклучувањето кон воената алијанса НАТО и со тоа ја напуштија децениската неутралност на оваа нордиска земја, која дели долга граница со Русија.
– Членството во НАТО ќе ја зајакне безбедноста на Финска. Како членка на НАТО, Финска ќе ја зајакне целата одбранбена алијанса. Финска мора да аплицира за членство во НАТО без одложување. Се надеваме дека националните чекори што сѐ уште се потребни за да се донесе оваа одлука ќе бидат преземени брзо во текот на следната неколку дена – се вели во заедничката изјава на двајцата лидери на 12 мај.
Дебатата за пристапување во НАТО беше поттикната од зголемените безбедносни стравови откако Русија во февруари започна неиспровоцирана инвазија на соседот Украина. Во наредните денови се очекува и Шведска да ја објави својата намера за членство во НАТО.
Иако не се очекува веднаш да биде објавен официјален датум за пристапувањето, НАТО ќе одржи самит во Мадрид на 28 и 29 јуни.
Официјални претставници на НАТО посочија дека протоколите за пристапување на Финска и на Шведска би можеле да бидат потпишани во тоа време, доколку формалните апликации бидат ставени на масата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, до крајот на мај.