Фото: Принт-скрин

Украина денеска сигнализираше дека нејзините трупи се повлекуваат од Северодонецк каде што во изминатите неколку недели се водат жестоки борби. Ваквиот потег се смета за значително назадување на украинските сили во оружениот конфликт против „Русија“, објави „Ројтерс“. Гувернерот на Луганск, Сергеј Гадај денеска изјави дека бранителите на Северодонецк мора да се повлечат од клучниот град.

– За жал, мораме да ја повлечеме нашата војска од Северодоњецк, останувањето на позициите нема смисла. Бројот на загинати расте – напиша Гадај на Телеграм, додавајќи дека 90 отсто од домовите во Северодонецк се уништени или сериозно оштетени.

Гадај исто така наведе дека руските сили го зазеле селото Николајевка во Луганск, но оти украинските сили успеале да ја запрат руската офанзива во областа Боровск, како и дека одбиле напад врз јужно предградија на Лисичанск.

Битката за Северодонецк се смета за клучна во обидот на Русија да го заземе последниот град под контрола на Украинците во областа Луганск, што заедно со Донецк го сочинува регионот Донбас. Падот на Северодонецк ќе го остави единствено соседниот Лисичанск под контрола на Украинците, во овој регион.

Зошто е важен Северодонецк – нуди стратешки опции за Русија, а Украина не отстапува купувајќи време

– Руската стратегија подразбира жесоко бомбардирање проследено со напади на пешадијата. Русите го изморуваат украинскиот отпор и стекнуваат придобивки на истокот и југот на Украина, наспроти проценките на дел од западните аналитичари кои тврдат оти руските сили трпат загуби и се соочуваат со проблеми. Украинскиот отпор, пак, е засилен од поддршката од Западот – наведува „Ројтерс“.

Украинското воено водство објави дека Русите користат тенкови, артилерија и борбени авиони засилувајќи ги воздушните напади во близина на Лисичанск и Северодонецк.

Преземањето на контролата врз Донбас би и овозможило на Русија поврзување на Крим со југот што го анектираше од Украина во 2014 година. Војната во Украина веќе трае четири месеци.