фото: Илустрација / Пикселс

Шведскиот град Малме во текот на ноќта беше место на неколку насилни инциденти по собирите против крајно десничарската организација која најави палење на Куранот, соопшти полицијата.

– Во текот на ноќта избувнаа неколку пожари во Малме – се наведува во соопштението во кое се додава дека се запалени автомобил, автобус и канти за ѓубре, а поднесени се и повеќе пријави за вандализам.

Насилството избувна по митингот на антимигрантското и антиисламското движење „Тврда линија“. Движењето го предводи Расмус Палудан, кој е со данско-шведско потекло.

Тој во моментов организира собири во Шведска, каде во повеќе градови избија судири меѓу полицијата и демонстрантите.

Во Малме, каде демонстрантите ја гаѓаа полицијата со камења, ситуацијата се смири по три часот наутро.

Дванаесет полицајци беа повредени во судирите со демонстрантите против Палудан во четвртокот и петокот.