Франција

Во Франција училиштата се соочуваат со ученици заразени со коронавирусот, како и со заразени воспитувачи на кои не им е обезбедена замена, поради што многу ученици не посетуваат настава. Како резултат на тоа, осум француски синдикати на просветните работници, по минатонеделната голема мобилизација, повикаа на нови штрајкови на 20 и 27 јануари, сметајќи дека ветената помош на Владата во борбата против коронавирусот во училиштата е недоволна. Во заеднички повик, синдикатите сметаат дека Владата не направила доволно за борба против коронавирусот, иако од протестот одржан минатиот четврток, министерот за образование Жан-Мишел Бланкер најави купување пет милиони заштитни маски за училишниот персонал. Покрај маската, Бланкер најави и вклучување на 8.000 нови просветни работници, кои ќе работат со договор до крајот на учебната година, но синдикатите оценуваат дека тоа не е доволно.
Во меѓувреме, многу просветни работници во Франција се пожалија дека сè уште не ги добиле ветените маски, а некои се сомневаат во доаѓањето на дополнителни 8.000 наставници, истакнувајќи дека имало проблеми и пред коронавирусот поради недостиг од кадар.
Штрајковите доаѓаат на помалку од три месеци пред првиот круг од претседателските избори во Франција, закажан за 10 април. Дел од опозицијата побара смена на Бланкер и ја критикуваше работата на претседателот Емануел Макрон, кој и покрај тие критики е фаворит во анкетите, иако сѐ уште официјално не се кандидирал.