На државите кои не дозволија прелетување на авионот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров треба да им се прекине испораката на руски енергенси, смета Владимир Џабаров, заменик претседавачот на Одборот за меѓународни работи на Советот на Федерацијата на Русија.

Станува збор за Македонија, Бугарија и Црна Гора.

– Значи, рускиот природен гас кој тие земји го добиваат апсолутно не е отровен за нив, додека прелетување на авион со руски министер предизвикува сериозна загриженост. Се поставува прашање – можеби на тие земји воопшто не треба да им се испорачуваат руски енергенси-порача Џабаров.

И рускиот дипломат Сергеј Орџоникиџе предупреди дека Русија може да ги отповика амбасадорите на Македонија, Црна Гора и Бугарија поради ситуацијата со Лавров.

-Мислам дека реакцијата треба да биде најостра, бидејќи спречија висок функционер на нашата земја да ја изврши својата дипломатска должност. Ова е политички чекор на антируска ориентација-изјави тој за РИА Новости.
Тој предвиде дека би можело да дојде до прекин на дипломатските односи меѓу Русија и трите земји, но, коментирајќи ја можноста за отповикување на амбасадорите, рече: „Тоа е прилично веројатно“.

Македонија, Бугарија и Црна Гора не дозволија прелетувањето на авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој денеска и утре требаше да престојува во официјална посета на Србија.