Фото/Илустрација: Пиксабеј

Германија

Цените на голем број продукти во маркетите во Германија постојано растат. На ова најпрвин влијаеше пандемијата на коронавирусот, а сè беше дополнително зачинето со енергетската криза. Не само што многу производи поскапуваат туку и нивната тежина се намалува. Така, клиентите сега за помалку плаќаат повеќе, укажуваат германските медиуми. Но тоа не е сѐ. Потрошувачките центри во Германија предупредуваат дека „потрошувачите всушност биле двапати ограбени“.
– Производителите се обидуваат да ја скријат инфлацијата нудејќи помалку содржина во пакувања со иста големина. Затоа, потрошувачите секогаш треба да внимаваат на тежината – објаснува економистот Гунтер Шнабл.
Трговците се надеваат дека потрошувачите нема да забележат дека тежината на одредени производи е намалена.
– Многу производители прибегнуваат кон поевтини состојки, ги менуваат рецептите и го намалуваат квалитетот на производите. Ова ќе биде уште потешко за потрошувачите да го препознаат – рече Шнабл.
Германскиот весник „Билд“ претстави неколку примери на производи со помала тежина и повисоки цени. Чипсот „принглс“ порано чинеше 2,59 евра / 200 грама, а сега 2,79 за 185 грама во Реве. Дезодорансот за интимната зона на „Вионел“ во ДМ сега чини 3,95 евра (125 мл), наместо 2,95 евра (150 мл). Слична ситуација беше забележана и кај таблетите за машина за перење „сомат класик“. Наместо 82 таблети, како што беше досега, сега во пакувањето има само 77. Топеното сирење „микана“ чинеше 1,99 евро, а сега цената му се искачи на 2,29 евра. Секако, пакувањето е помало за 10 грама.