Демонстранти денеска упаднаа во канцеларијата на градоначалникот на Алмати, најголемиот град во Казахстан, откако избија протести поради поскапувањето на енергенсите.

Полицијата се обиде со солзавец и шок-бомби да ги растера неколкуте илјади демонстранти, од кои некои беа вооружени со палки и штитови претходно одземени од безбедносните сили.

Полицијата не успеа да ги спречи демонстрантите да влезат во зградата на градската администрација, пренесе агенцијата „Франс прес“.

Над 200 луѓе се приведени во протестите кои се проширија низ централноазиската земја од Нова година поради поскапувањето на течниот нафтен гас, гориво кое често се користи во автомобилите на западот од земјата, соопшти утрово полицијата.

Илјадници демонстранти излегоа на улиците на најголемиот град Алмати и западната покраина Мангистау, тврдејќи дека порастот на цените е неправеден со оглед на огромните резерви на нафта и гас во Казахстан.

Медиумите пренесоа и сведоштва од присутни кои наводно виделе како дел од полицијците во Алмати ги фрлиле своите значки и опрема и им се придружиле на демонстрантите.

Овие протести се досега најголемата закана за режимот воспоставен од Нурсултан Назарбаев, поранешен комунистички секретар кој стана претседател на поранешната советска република во 1991 година по стекнувањето независност.

Назарбаев, по кого денес е именуван главниот град Нур-Султан, поднесе оставка во 2019 година и за негов наследник го назначи Касим-Џомарт Токаев, актуелниот претседател.

Претходно денеска Токаев прогласи вонредна состојба во Алмати и околните области, а потоа и во Нур-Султан, пренесува „Ројтерс“.