Кина

Девет локално пренесени случаи со потврдени симптоми за коронавирус биле откриени завчера во Пекинг, објави Националната здравствена комисија, додавајќи дека шест од деветте се во градската област Фенгтаи. Градската власт во кинескиот главен град веднаш нареди тестирање на два милиони жители. Загриженоста и претпазливоста се предизвикани од фактот дека градот продолжи да пријавува нови случаи, на помалку од две недели пред почетокот на Зимските олимписки игри.
Претходно градот Пекинг, исто така, побарал од жителите проактивно да одат на тестирање доколку развијат симптоми на ковид-19 во рок од 14 дена од приемот на поштенските пратки од странство, соопштија локалните власти. Кина ги повика луѓето да носат маски и ракавици при отворањето на поштата, особено од странство, откако властите сугерираа дека првиот случај на варијантата омикрон на коронавирус, пронајден во Пекинг, можел да пристигне на пакет од Канада.
Градовите низ Кина воведоа построги мерки за борба против вирусот во последниве недели, додека Пекинг се подготвува да биде домаќин на Зимските олимписки игри на почетокот на следниот месец. Многу градови ги советуваат жителите да не патуваат или бараат од патниците да ги пријават своите патувања неколку дена однапред.
Инаку, континентална Кина завчера пријави 56 нови случаи на ковид-19, што е намалување од 63 случаи еден ден порано, според националниот здравствен орган на земјата.