Фото: Принт скрин Твитер

Северна Кореја денеска ги обвини САД за производство на биолошко оружје во Украина, повторувајќи ги идентичните руски обвинувања што во март беа отфрлени од ОН.

Вашингтон „формираше бројни биолошки лаборатории во десетици земји и региони, вклучувајќи ја и Украина, што ги прекрши меѓународните договори“, напиша официјалната севернокорејска новинска агенција KCNA, повикувајќи се на елементи што беа „детектирани“ од Русија.

Пјонгјанг, сојузникот на Москва, исто така, го обвини Вашингтон дека е „наредбодател на биолошкиот тероризам што го фрла човештвото во уништување“ и дека водел бактериолошка војна и за време на Корејската војна во 1950-тите.

Тврдењата за Корејската војна повеќе пати претходно беа изнесувани од Пјонгјанг, Пекинг и Москва, но Вашингтон ги отфрли овие тврдења.

Пјонгјанг уште во февруари соопшти дека американската политика е длабоката причина за украинската криза.

Северна Кореја официјално ги призна двете самопрогласени проруски сепаратистички области во источна Украина.