Фото: Фејсбук/Ненси Пелоси

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, пристигна во Тајпеј, и покрај предупредувањата од официјален Пекинг да не го прави тоа, бидејќи тоа сериозно ќе ги загрози односите меѓу Кина и САД. Пекинг смета дека доаѓањето на Пелоси е грубо кршење на внатрешните работи на Кина.

Што сака да постигне Пелоси со планираното ново „брцање во очите“ на Кина?

Непосредно пред да слета авионот на Пелоси, кинеската централна државна телевизија објави дека Пекинг испратил воени авиони Су-35 во Тајванскиот Теснец.

Тоа е прва посета на висок американски функционер на Тајван по 25 години. Пелоси е на турнеја низ Азија, која вклучува посети на Сингапур, Малезија, Јужна Кореја и Јапонија.

– Посетата на нашата конгресна делегација е показател за недвосмислената американска поддршка за демократијата на Тајван – напиша Пелоси на Твитер.

Таа наведе дека во разговорите со лидерите на Тајван „ќе биде повторена поддршката за американските партнери и ќе биде промовиран заеднички интерес, вклучително и унапредување на слободниот и отворен индо-пацифички регион“.

– Нашата посета не е прва, делегации на Конгресот дојдоа во Тајпеј и претходно. Ова на никаков начин не е во спротивност со американската политика, која е водена од Законот за односи со Тајван од 1979 година – напиша Пелоси.

Законот за односи со Тајван од 1979 година ги регулира односите на САД со островот, не бара од САД да интервенираат воена во случај на кинеска инвазија, но наложува Тајван да добие ресурси за да се брани, како и да спречи какви било унилатерални промени во неговиот статус од страна на Пекинг.

Кинеското Министерство за надворешни работи остро ја осуди посетата на Пелоси на Тајван, и покрај предупредувањата од кинеската страна.

Министерството наведува дека упатило протест до американската страна.

Кинеското МНР вели дека посетата испраќа „погрешни сигнали до сепаратистичките сили“ кои бараат „независност на Тајван“. Посетата на Пелоси сериозно го нарушува принципот „една Кина“, се посочува во соопштението.