Патник се качил во пилотската кабина на авион на „Американ ерлајнс“ за време на лет од Хондурас за Мајами и го оштетил леталото пред да биде уапсен.

Поради инцидентот летот за Мајами бил одложен неколку часа бидејќи беше неопходно да се обезбеди друг авион, па патниците во главниот град на Флорида пристигнале со задоцнување од речиси осум часа, пренесува Асошиејтед Прес.

Од компанијата објавиле дека вратите на пилотската кабина биле отворени пред овој инцидент на меѓународниот аеродром во Сан Педро Сула во Хондурас.

– Интервенираа членовите на екипажот, а патникот на крајот беше уапсен од членовите на локалното обезбедување на аеродромот – изјавил портпаролот на авиокомпанијата.

Властите на Хондурас пак го ослободиле „патникот напаѓач“ бидејќи авиокомпанијата не поднела тужба.
– Нападот и агресијата врз пилотот и екипажот на авиокомпанијата не беа сериозни – рекол портпаролот на безбедносната служба, Едгардо Барахона, објаснувајќи дека обезбедувањето на аеродромот го уапсило напаѓачот и го предала на националната полиција, која го однела во болница на серија тестови.