Кина

Патнички авион на компанијата „Чајна истерн ерлајнс“ со 132 лица се урна во јужна Кина, соопштија кинеските воздухопловни власти. Авион од типот „боинг 737“, кој летал од Кунминг за Гвангџоу, „го загубил воздушниот контакт над градот Вуџоу“ во јужниот регион Гуангкси, соопшти Кинеската управа за цивилно воздухопловство (CAAC) во онлајн соопштение. Се додава дека била активирана процедурата за реакција при итни случаи и „е испратена работна група на местото на настанот“. Авионот превезувал 123 патници и девет члена на екипажот, соопшти CAAC.
Државната телевизија Си-си-ти-ви објави дека авионот се урнал во округот Тенг, во близината на Вуџоу и „предизвикал пожар на планината“, цитирајќи го провинциското биро за управување со вонредни состојби.
Според медиумите од областа на несреќата, повеќе од 450 пожарникари успеале да го скротат пожарот што избил во шумата по падот на авионот, а претседателот на Кина, Си Џинпинг, наредил итна акција за пребарување на теренот и спасување на евентуално преживеаните.

– Се шокиравме кога дознавме за несреќата на „Чајна истерн ерлајнс“ – рече Џинпинг, чии зборови ги пренесува државната телевизија Си-си-ти-ви. Тој, исто така, повика да се направат „сите напори“ за спасување и откривање на „причината за несреќата што е можно поскоро“.
Се додава дека противпожарните служби имале голем број проблеми за да пријдат на местото на несреќата. Во акцијата, пожарникарите тргнале со 25 камиони, но пристапот до локацијата бил невозможен со возилата, па пожарникарите кон остатоците од авионот тргнале пеш и го изгаснале пожарот што ја зафатил шумата.
Авионската компанија го потврди падот на авионот и организира итна телефонска линија за информирање на роднините на патниците. Државната авиокомпанија „Чајна истерн ерлајнс“, според информативната агенција за податоци од областа на воздушниот сообраќај ОАГ, е водечка фирма во Кина и го зазема шестото место во светско рангирање во браншата. Кина е позната по своите високи стандарди во воздушниот сообраќај.

Подготвил: Марјан Велевски