Фото: Фејсбук/Бил Гејтс

Пакистан го награди коосновачот на „Мајкрософт“, милијардерот Бил Гејтс, со второто највисоко цивилно признание Хилал-е-Пакистан, за ублажување на сиромаштијата и неговата посветеност на искоренувањето болести, како што се полио и туберкулоза.

На Гејтс му беше врачена наградата Хилал-е-Пакистан, директно од претседателот Ариф Алви. По церемонијата, тој имаше состанок со премиерот Имран Кан.

– Посветеноста на Пакистан да стави крај на полиото е инспиративна – изјави Гејтс во објава од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

Фондацијата на Гејтс помогна речиси да се искорени болеста.

– Лидери на Влади, здравствени работници, како и родители, работат неуморно на тоа да се осигураат дека оваа болест нема да парализира уште едно дете – истакна Гејтс.

Милијардерот пред новинарите во Исламабад изјави дека е импресиониран од тоа што го прави Пакистан. Според Гејтс, полиото во Пакистан се шири помалку од очекуваното, а причината ја гледа во тоа што луѓето помалку излегуваа од дома за време на пандемијата од ковид-19.

– Мислам дека со тоа што ќе го преземи Пакистан во 2022 година, најверојатно ќе му дојде крајот на полиото – појасни Гејтс.

Кога станува збор за Авганистан, Гејтс појасни дека таму сега се врши повеќе вакцинација против полио, во споредба со изминатите години.

Пакистан и Авганистан се единствените земји во светот, каде детската парализа останува ендемична. Болеста може да предизвика делумна парализа кај децата.