Во Мадрид, лидерите ќе го поддржат Стратегискиот концепт од 2022 година, кој ќе ги утврди заедничките позиции на НАТО, вклучувајќи и за Русија и за новите предизвици, и за првпат ќе се осврне на Кина

Во Мадрид започнува дводневен самит на НАТО

Лидерите на 30 земји-членки на НАТО денеска се собираат во Мадрид, на состанок што ќе се одржи за време на најголемата безбедносна криза во Европа од крајот на Втората светска војна, на кој може да се донесат историски одлуки. На дневен ред се прашања за безбедносната криза по руската специјална операција во Украина и новата безбедносна реалност во Европа, кои влијаат на пристапот на НАТО кон одбраната и одвраќањето. Високо на листата на приоритети се и зголеменото влијание на Кина и безбедносните последици од климатските промени, проследени со други закани, тероризмот и нестабилноста во Северна Африка и Сахел.
Нападот на Русија врз Украина ги принуди Шведска и Финска да ја напуштат својата долга традиција на неутралност. Двете земји официјално поднесоа барање за членство во НАТО на 18 мај годинава. Влезот на Шведска и Финска значително би го зајакнал НАТО, бидејќи Финска има многу сериозна армија, со голем број добро обучени војници и една, од најсилните артилерии во Европа. Шведска има силна воена индустрија. Нивното влегување во НАТО сѐ уште не е сигурно. Одлуките во НАТО се носат со консензус, Турција како главна причина за противењето на влезот на овие две држави ја споменува нивната поддршка на курдските сепаратисти. Анкара бара Шведска и Финска да престанат да обезбедуваат засолниште за членовите на Курдистанската работничка партија (ПКК), кои ги сметаат за терористи во Турција, и да ја укинат забраната за продажба на оружје за Турција, која двете земји ја воведоа поради турската интервенција во Сирија.
Во Мадрид, лидерите ќе го поддржат Стратегискиот концепт од 2022 година, кој ќе ги утврди заедничките позиции на НАТО, вклучувајќи и за Русија и новите предизвици, и за првпат ќе се осврне на Кина.

– Мадридскиот стратегиски концепт ќе ја одрази новата безбедносна средина, повторно ќе се посветиме на нашите вредности и ќе го потврди нашето единство, осигурувајќи дека нашата Алијанса е погодна за иднината – рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за новиот концепт.
Меѓу темите на самитот ќе биде и засилувањето на поддршката од НАТО за Грузија и другите партнери за да ги изградат нивните капацитети и да ја зајакнат нивната отпорност за време на самитот, како и заканите од тероризмот и сајбер-нападите. Во врска со климатските промени, лидерите ќе се договорат за нова методологија за мапирање на воените емисии на стакленички гасови и цел да му помогне на НАТО да придонесе кон целта за нето-нула емисии. Лидерите на четирите азиско-пацифички партнери – Австралија, Јапонија, Република Кореја и Нов Зеланд – за првпат ќе бидат дел од самитот на НАТО.
Самитот има посебно значење за Шпанија, бидејќи земјата е домаќин на 40-годишнината од приемот на Мадрид во НАТО. Како домаќин, Шпанија сака да ја истакне својата близина со Африка, додека лобира за поголем фокус на јужното крило на Европа во новиот документ што ја прикажува визијата на НАТО за нејзините безбедносни предизвици и задачи.
Италијанскиот амбасадор во НАТО, Франческо Марија Тало, во мајското интервју за италијанската новинска агенција АНСА рече дека хуманитарните кризи во Африка мора да ги загрижат сите сојузници на НАТО.

– Во наша близина ја имаме Африка, со милијарда жители во ризик од сиромаштија, оптоварена од проблеми со несигурноста во храната, тероризмот и климатските промени. Сите фактори создаваат несигурност. Во Африка е присутно и влијанието на Русија – рече Тало.
Важноста на другата страна на Медитеранот стана болно очигледна за Шпанија во текот на изминатата година поради серијата дипломатски кризи што ги вклучија Мароко и Алжир и нивното ривалство околу судбината на Западна Сахара, поранешна шпанска колонија.
Стратегискиот концепт е најважниот работен документ на НАТО по Северноатлантскиот договор од 1949 година, кој ја содржеше клучната одредба според која нападот врз една членка се смета за напад врз сите. Безбедносната процена се ажурира приближно секоја деценија, за да се ресетира безбедносната агенда на Западот. За заштита и одбрана на сојузничката територија во услови на сегашна безбедносна реалност, НАТО има повеќе од 40.000 војници под директна команда, поддржани од воздушни и поморски средства. Алијансата, исто така, го удвои бројот на борбени групи на осум, кои се протегаат од Балтичко Море на север до Црно Море на југ.

Подготвил: Митко Јовановски