Фото: Фејсбук/Емануел Макрон

Поразен на парламентарните избори, претседателот на Франција се најде без мнозинство во собранието. Радикалната левица станува една од главните сили во Собранието. Со 89 избрани пратеници, Националниот собир предизвика изненадување. Макронистите ќе треба да бараат мнозинство кај другите парламентарни групи во Собранието за да ги гласаат предвидените реформи, јави дописникот на МИА.

Вечерта по вториот круг од парламентарните избори, претседателот на Франција не го најде „цврстото“ мнозинство во парламентот како што го бараше од Французите. Уште полошо, макронистичките сили дури се многу подалеку од 289 пратеници неопходни за донесување закони, бидејќи, според конечните резултати, Заедно! има само 245 пратеници или 38,48 отсто од гласовите. Шефот на државата сега е принуден да најде сојузници, а со тоа и да направи компромиси, за да може да ја спроведе неговата програма, која веќе е застарена од новата рамнотежа на моќ во Националното собрание. „Ситуација без преседан“ која „претставува ризик за Франција“, коментираше синоќа премиерката Елизабет Борн.

Отфрлањето на Макрон и неговата политика, кој ги концентрира нападите меѓу двата круга врз крајната левица, иако беше избран за претседател на два пати со гласови од левицата, е видливо со неизборот на водечките лидери на Републиката во Марш. Ако премиерката Елизбет Борн е избрана , досегашниот претседател на националното собрание Ришар Феран и претсеателот на пратеничката група на Републиката во Марш Кристоф Кастанер не се избрани за пратеници.

Нупес-сојузот на левицата не успеаа да го донесе Жан-Лук Меланшон во Матињон за премиер, но сега се појавува како првата опозициска сила на извршната власт. Со 131 пратенички места или 31,76 отсто од гласовите. Обединетата левица – акумулација на бунтовници, социјалисти, комунисти и екологисти досега имаше само околу педесет пратеници во претходниот законодавен дом.

Двојниот претседателски финалист, во 2017 година, потоа во 2022 година, Марин ле Пен ќе го преземе водството на моќна група во Палатата Бурбон. Традиционално обесправен од системот за гласање, Националниот собир освои 89 пратенички места или 17,20 отсто од гласовите.

Републиканците остануваат во заседа, и покрај помалку добрите резултати од пред пет години. Десницата, со 64 пратенички места или 7,25 отсто од гласовите, спаси само две третини од стотината што ги имаше досега, таа смета на отсуството на апсолутно мнозинство за да се надева дека ќе одигра клучна улога во петте години што доаѓаат. И тие стануваат неизбежни при усвојувањето на одредени текстови, како што бара релативното мнозинство.

Останатите 48 пратенички места одат за различни политички струи или избрани пратеници кои не настапуваа под боите на класичните политички партии. Така 22 се од левицата, кои не се приклучија кон Нупес, Регионалистите добиваат 10 пратеници, Различните пратеници од десницата се 10 во Националното собрание, четири се од центарот и три се од УДИ.

Стапката на апстиненција во вториот круг изнесуваше 53,77 отсто, во однос на првиот круг (52,49 отсто), покажуваат бројките на МВР. Стапката на излезност е 46,23 отсто наспроти 42,64 отсто во 2017 година и 55,4 отсто во 2012 година.

За лидерот на коалицијата Нупес Жан-Лик Меланшон, „неуспехот на претседателската партија е целосен“. Поранешниот претседателски кандидат е „воодушевен од доаѓањето на десетици“ пратеници од Нупес во Собранието.

„Народот проговори“, рече поранешната претседателска кандидатка Марин Ле Пен

– Тој одлучи да испрати многу моќна пратеничка група пратеници од Националниот собир во Собранието, кое станува малку понационално – истакна таа.

Марин Ле Пен беше задоволна што постигна три цели поставени од нејзината партија за време на овие законодавни избори: да го направи Емануел Макрон „претседател на малцинството“, „да продолжи со политичката реорганизација од суштинско значење за демократската обнова“ и на тој начин да го преземе „триумфот на спасителот на идејата за нацијата“. И на крај, „да се конституира одлучувачка опозициска група“. Опозиција, која како што рече таа, „ќе биде цврста“. „Тоа значи без дослух“, но „одговорна“ и „со почит кон институциите“.

Кристијан Жакоб лидерот на Републиканците ја затвора вратата за секој „владин пакт“ со Емануел Макрон, иако некои други политички лидери од редовите на голистите повикуваат на сојуз со Макрон, кој веќе црпеше изминатите пет години од нивните редови, не само политичари, туку и идеи.

Во првата реакција, премиерката Елизабет Борн, нагласи дека „оваа ситуација претставува ризик за Франција, со оглед на ризиците со кои треба да се соочи и на национално и на меѓународно ниво“.

– Мора да го почитуваме ова гласање и да ги повлечеме последиците, мора да преземеме одредена одговорност. Ќе работиме утре за да изградиме мнозинство на акции. Нема друга алтернатива за да се води државата и да се направат потребните реформи – рече таа.

Престедателот Емануел Макрон, не успеаа да ги мобилизира Французите и сега за него се најавува нејасна иднина за владеењето на Франција, наскоро се очекува негово обраќање до нацијата.