Марио Драги/Фото: Принт-скрин

Марио Драги поднесе оставка на функцијата премиер на Италија, со што се очекува државата да биде втурната во повеќемесечен неизвесен период на политички превирања, а истовремено и европското водство да биде ослабнато во критичен миг, објавува „Политико“.

Италијанскиот претседател Серџо Матарела ја соопшти одлуката на Драги по нивната средба во претседателската палата. Оставката на Драги доаѓа откако тој не успеа да обезбеди поддршка од неговите коалициски партнери на гласањето за доверба во парламентот.

Драги претходно во парламентот ја истакна намерата за посета на претседателот со цел да му ја предаде оставката, што беше поздравено со аплауз и овации од дел од присутните.

Премиерот во заминување изрази благодарност велејќи „благодарам, дури и централните банкари имаат срце“. Неговата забелешка се однесува на шега што тој неодамна ја кажа, спомнувајќи оти централните банкари имаат неискористени срца.

Заминувањето на Драги од функцијата означува кулминација на неколкунеделните тензии во италијанската коалиција соочена со поделби. Драги неделава ја загуби поддршката на десничарските партии во коалцијата – Форца Италија на Берлускони и Лигата на Матео Салвини.

Оставката на Драги речиси сигурно ќе доведе до предвремени избори во Италија наесен, кои ќе ја втурнат државата во политичка неизвесност. Заминувањето на 74-годишниот поранешен претседател на Европската централна банка ја остава ЕУ без еден од нејзините најискусни лидери во критичен миг, кога европскиот блок се соочува со растечка инфлација и војна на нејзините граници, заклучува „Политико“.