Фото: Твитер/Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска кажа дека Брисел не успева да придонесе во напорите за сузбивање на илегалната миграција. Тој рече дека Унгарија во моментов работи на заштита на цела Европа.

– Навистина, тоа е напад врз Унгарија – истакна Орбан за унгарското радио „Кошут“, а пренесува унгарската агенција „МТИ“.

Унгарскиот премиер изјави дека само минатата година биле уапсени 122.000 лица кои илегално влегле во земјата, наспроти 45.000 една година претходно, што според него покажува дека бројот на нелегални влегувања во земјата се зголемува.

– Проблемот со илегалната миграција е далеку од решен. Напротив, тој ќе биде со нас во следните неколку години – предупреди Орбан.

Тој додаде дека мора да се зајакне граничната контрола и да се ангажираат нови сили.

– Потребни ни се што повеќе војници само за гранична контрола – рече унгарскиот премиер.

Тој нагласи дека Унгарците биле задолжени за тврдината, заштитувајќи ги границите на цела Европа. Тој додаде „Брисел не помага во овие напори, туку напротив ни пука во грб“.