Куќата во која загина Ал-Курајши

Криејќи се, жителите на сириското село, гледаа како американските сили вршат напад во една од куќите, барајќи го водачот на Исламската држава (ИД), Абу Ибрахим ал Хашеми ал Курајши, пишува „Њујорк тајмс“. Ненадејната бука од борбените хеликоптери по полноќ ги разбуди семејствата што живеат во северозападна Сирија, по што тие поитаа за да се сокријат. Набргу потоа можеа да слушнат како американските сили, обраќајќи се на арапски, бараат од оние во куќата во која се криел Ал Курајши, да се предадат.

– Гласот кажа, сите ќе бидете безбедни, ако се предадете. Оние што ќе останат ќе умрат – кажал локалниот жител, Абу Омар, во неговото сведоштво за акцијата за „Њујорк тајмс“.

Американските командоси, пак, му порачале и на Омар дека тој и неговото семејство ќе бидат неповредени, кога затропале на вратата на неговата куќа, во близина на живеалиштето на лидерот на ИД.

– Знаејќи дека терорист се опкружил со цивили, вклучувајќи и деца, направивме одлука да одиме со акција на специјалните сили по многу поголем ризик за нашите луѓе, откако да го целиме преку воздушен напад. Направивме избор да ги минимизираме цивилните жртви. Оваа акција е сведоштво за дофатот и капацитетот на Америка за отстранување на терористички закани, без разлика каде се во светот – наведува американскиот весник.

Американскиот претседател Џо Бајден потоа соопшти дека лидерот на ИД починал за време на акција на американските специјални сили. САД ја глорификуваа акцијата на командосите во делот од Сирија под контрола на бунтовниците како голем успех против тероризмот, но за тамошните жители во близина на границата со Турција, таа донесе шок и страв.

Два часа подоцна, кога акцијата заврши, беа извлечени 13 тела од урнатините, вклучувајќи и шест деца. Според американските власти, повеќето биле убиени кога Ал Курајши одбил да се предаде и детонирал експлозив, загинувајќи заедно со членови на неговото семејство. Ал Курајши стана лидер на терористичката организација во годината во која неговиот претходник Абу Бакр ал Багдади се разнесе во текот на акција на американските специјални сили во Идлиб, Сирија.