Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека одговорите на Москва во случај САД и НАТО да одбијат да дадат безбедносни гаранции за Русија, би можеле да бидат најразновидни, во зависност од, како што истакна, предлозите на воените експерти.
-Одговорот може да биде многу различен. Тоа зависи од предлогот што ќе ми го дадат нашите воени експерти – изјави Путин за ТВ „Русија-1“.
Истовремено, тој додаде дека Русија ќе настојува да постигне позитивни резултати во преговорите за тоа прашање.

На годишната прес-конференција на 23 декември, Путин нагласи дека натамошното проширување на НАТО на исток е неприфатливо за Москва. На 17 декември Русија објави нацрт-договори со САД и НАТО, кои вклучуваат непроширување на НАТО на исток, вклучувајќи ги и поранешните советски републики, како и нераспоредување на ракети со среден и долг дострел.
Во исто време, Русија предлага да не се распоредуваат дополнителни сили на териториите на европските земји во однос на оние кои беа распоредени на 27 мај 1997 година, кога беше потпишан Основачкиот акт Русија-НАТО.

Инаку, седницата на Советот Русија-НАТО би можела да се одржи на 12 јануари, јавува турската агенција „Анадолија“, повикувајќи се на неименувани извори во Северноатлантската алијанса.
Според нив, овој датум го одредил генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој е и претседател на Советот.
-Ние сме во контакт со Русија по ова прашање – рекол соговорникот на агенцијата.
Истиот ден во Брисел е предвидена седница на началниците на Генералштабовите на земјите членки на НАТО.