Фото: Министерство за одбрана на Украина

Додека цивилите бегаат, украинските и руските сили се движат во спротивна насока, доближувајќи се кон Донбас, во пресрет на очекуваната битка за која се проценува дека ќе биде една од најжестоките во воениот конфликт во Украина, кој влезе во седмата недела, пишува „Фајненшл тајмс“. Во меѓувреме повеќе од 200 илјади луѓе избегаа од регионот на Донецк преку Краматорск минатата недела, според регионалната претставничка задолжена за евакуација Лилија Золкина.

– Битката за Донбас ќе ве потсети на Втората светска војна – им кажа украинскиот министер за надворешни лидери Дмитро Кулеба на лидерите на НАТО во четвртокот, додавајќи оти очекува големи воени операции, кои ќе вклучуваат тенкови, оклопни возила и авиони.

Се проценува дека судирот ќе се разликува од герилското војување кое се водеше околу Киев. Украинскиот претседател Владимир Зеленски изминатиот викенд исто така предупреди за „тешката битка“ што претстои во Донбас.

– По повлекувањето од областите околу Киев, Москва порача дека ќе се насочи кон Донбас. Ако руските сили во Донбас продолжат да напредуваат од Изјум за да се сретнат со трупите што доаѓаат од Мариупол, аналитичарите сметаат оти ќе можат да ја опколат украинската армија. Но истите маневри би можеле да ги изложат на напад од украинските сили што доаѓаат од Киев – пишува „Фајненшл тајмс“.

Русија во Донбас ќе се соочи со 40 илјади од најдобро обучените украински трупи, што е околу една четвртина од украинската армија. Од друга страна, се смета дека снабдувањето на руските трупи ќе се одвива полесно во Донбас поради близината со Русија.

Воените експерти се согласуваат дека ќе биде тешко за Украина да ги одбие Русите во регионот Донбас, како што тоа го сторија во Киев. Западните власти сметаат дека руската армија е под политички притисок да издејствува воен успех во Украина до 9 мај кога Русија традиционално ја одбележува победата над нацизмот.

– Првата армија што најбрзо ќе се доведе во добра состојба би можела да ја обликуа втората фаза од конфликтот – вели Матје Булег од тинк-танкот „Чатам Хаус“.

Оружениот конфликт во Донбас трае од 2014 година, откако руските сепаратисти заземаа територија околу Донецк и Луганс по руската анексија на Крим, при што се проценува оти во судирите досега загинаа повеќе од 14 илјади луѓе.

Сепаратистите држеа под нивна контрола околу третина од територијата на Донбас  пред почнувањето на руската специјална операција во Украина. Жестоки борби се водеа во Изјум, а потоа и на околу 35 километри кон Краматорск, според локалните власти.


Офанзивата на Русија во Донбас веќе започна, изјави висок украински функционер

Најновата руска офанзива во Донбас веќе започна, изјави утрово висок украински функционер, додавајќи дека Русија продолжува да трупа сили во источниот регион на Украина.

– Од моја гледна точка, големата офанзива веќе започна. Мора да разбереме дека ова нема да биде повторување на 24 февруари, кога почнаа првите воздушни напади и експлозии и кога рековме, војната започна. Големата офанзива де факто веќе започна – изјави на јавната телевизија Вадим Денисенко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи.

Украински и западни официјални лица велат дека значајни маневри на руските сили кон Донбас се забележани во последните денови, откако Русија не успеа да го освои Киев.

– Русите трупаат сили и опрема во Донецк и Луганск. Сè уште нема големи борби за кои толку многу се зборуваше последните денови, но генерално кажано, можеме да речеме дека офанзивата веќе започна – рече Денисенко.

Советникот на украинскиот министер изјави дека синоќа одекнале експлозии во областа Дњепропетровск и додаде дека продолжува гранатирањето на Харков, вториот по големина украински град.

Сергеј Гајдаи, шеф на воената администрација во Луганск, рече дека украинските власти организираат „забрзана евакуација“ од Донбас, додавајќи дека за денеска се закажани повеќе возови за евакуација од Луганск и Донецк.