Украинскиот суд донесе одлука за ослободување на поранешниот претседател и лидер на опозицијата Петро Порошенко, обвинет за велепредавство, со забрана за напуштање на земјата.

Одлуката ја прочита судијата Олексиј Соколов. Реагирајќи на одлуката, Порошенко и членовите на неговото семејство ја пееја националната химна во судницата, јавија новинарите на АФП од местото на настанот. Обвинителството побара притвор или кауција од 30 милиони евра.

Порошенко, лидер на украинската опозиција и 56-годишен милијардер, во понеделникот се врати во Украина по едномесечен престој во странство, иако му се закануваше апсење.

Инспекторите се сомневаат дека Порошенко соработувал со прорускиот тајкун Виктор Медведчук, близок до рускиот претседател Владимир Путин, за да им помогне на компаниите во источна Украина контролирани од проруските сепаратисти да купуваат јаглен во 2014 и во 2015 година.

Државното обвинителство наведува дека поранешниот претседател на тој начин користел државни пари за финансирање на сепаратистите, што е чин на „велепредавство“, за што може да добие 15 години затвор.

Порошенко, кој за време на неговиот мандат имаше многу лоши односи со Русија, ја водеше земјата во време кога конфликтот беше на врвот.

Денеска е пратеник и неговото име се споменува во десетици судски случаи. За време на неговиот мандат, тој ја приближи земјата до Западот, но не ја искорени корупцијата и сиромаштијата.