Украинската криза би можела да биде катализатор што повторно ќе го спои Западот, за да започне со поправка на распаднатиот глобален економски поредок, се вели во анализата. Но дали другата страна ќе дозволи да се случи тоа? Дали, напротив, Украина ќе биде крај на глобалниот економски поредок воспоставен од Западот? И дали, всушност, Украина е почеток на ново „нешто“?

Од анализата на „Форин полиси“: Конфликтот во Украина може да биде спасител на западниот модел на глобален економски поредок?

Руската воена операција во Украина може да се смета за катастрофа за светската економија! Така констатира во својата анализа Едвард Алден, колумнист во „Форин полиси“, визитинг-професор на Универзитетот во Западен Вашингтон и виш соработник во Советот за надворешни односи. Според него, зголемените цени на нафтата и гасот ја потхрануваат инфлацијата, која во многу земји веќе беше на највисоко ниво во последните четири децении. Финансиските пазари драстично паднаа, бришејќи богатство од трилиони долари. Западните санкции ги надминаа црвените линии, вклучувајќи го и блокирањето на Русија да пристапи до повеќе од 300 милијарди долари од нејзините резерви на централната банка. Ако светот го изгуби пристапот до огромните испораки на Русија на енергија, ѓубрива, жито и индустриски метали, ударот врз глобалната економија може да стане уште полош.

Како Западот сака преку Украина да го продолжи својот до скоро функционален глобален економски поредок

Според анализата на колумнистот Едвард Алден, иако краткорочните економски трошоци ќе бидат големи, „конфликтот може да заврши како спасител на глобалниот економски поредок“.
Во изминатите две децении, економските правила и норми, изградени под водство на САД по Втората светска војна, полека еродираа. Многу земји, не само Кина, се мачеа со доминацијата на САД, прескокнувајќи ги трговијата и другите правила или активно не согласувајќи се со нив. Вашингтон, заситен од она што се случуваше на релативно отворениот пазар на САД, започна трговски војни со пријателите и непријателите и ја парализира способноста на Светската трговска организација (СТО) да решава спорови. Американскиот претседател Џо Бајден се залагаше за политиката „Купи американски“, а неговата администрација работеше на привлекување работни места во производството назад во Соединетите Американски Држави на сметка на трговските партнери. Вашингтон избегна какви било нови иницијативи за либерализација на трговијата, плашејќи се од домашна политичка реакција. Но, по влегувањето на руските трупи во Украина, настана перипетија за Западот. Имено, Западот и неговите партнери почнаа да се здружуваат во најдраматичниот збир на координирани економски акции во модерната историја. Европската Унија, Обединетото Кралство, Јапонија, Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија, Јужна Кореја, па дури и Швајцарија работеа, главно, на беспрекорен начин за да ја изолираат и казнат Русија. Повеќето руски банки ги отсекоа од нивните западни колеги, што сега им отежнува на Русите да вршат најрутинска продажба и купување на стоки и услуги од странство. Санкциите насочени кон резервите на централната банка на Русија ја урнаа рубљата, намалувајќи ја нејзината вредност на помалку од 0,01 долар. Западните координирани мерки ја прекинаа Русија од извоз на полупроводници, телекомуникациска опрема, опрема за екстракција и рафинирање нафта, делови за авиони и други алатки на модерната технологија. Забраните за воздушниот простор ги блокираа Русите да летаат до повеќето западни дестинации. Канада, САД и другите го прекинуваат увозот на руска нафта, а Европа – многу позависна од рускиот увоз на енергија – исто така брзо го намалува купувањето. Канада ѝ ги одзеде придобивките од СТО на Русија, зголемувајќи ги тарифите за повеќето увозни производи на 35 проценти; веројатно ќе следуваат и други земји.
И транснационалните компании го следеа примерот на западните држави: БП објави дека ќе го отпушти својот речиси 20 отсто удел во рускиот нафтен гигант „Роснефт“, по цена на акционерите на компанијата од дури 25 милијарди долари. „Боинг“ и „Ербас“ ги запреа сите делови, одржување и техничка поддршка за руските авиокомпании. Производителите на автомобили, како „Џенерал моторс“, „Форд“ и „Фолксваген“, го прекинаа производството во Русија и престанаа да извезуваат делови и возила; рускиот производител на автомобили „Лада“ беше принуден да го запре производството, бидејќи пресуши увозот на делови. Иконските брендови за потрошувачи, вклучувајќи ги „Кока-кола“, „Пепси“, „Мекдоналдс“ и „Старбакс“, ја прекинаа работата во Русија. „Шел“, која купуваше руска нафта на самото место во војната, се извини јавно и вети дека ќе ги запре сите идни набавки на руска енергија.
Западните компании, кои масивно профитираа од растечкиот глобален пазар со своите наметнати правила и кои еродираа во последно време, токму со овие здружени мерки кон Русија, сакаат Украина да е точката на перипетија, во насока на рестартирање и продолжување на глобализацијата.

САД повеќе немаат капацитет сами да го водат глобалниот економски систем и тие бараат поддршка

Иако гореспоменатите мерки не беа доволни за да ја убедат Москва да ја прекине кампањата во Украина, западните земји покажаа во кризата нов капацитет да ја оттргнат децениската летаргија на нивната економско-политичка логика. Според анализата на Едвард Алден во „Форин полиси“, „ова може да го покаже патот на Западот кон идниот економски поредок: не систем предводен од САД што другите често неволно го следат, туку многу поактивно заедничко управување со глобалната економија“. САД сами повеќе немаат капацитет или волја да го водат глобалниот економски систем без силна поддршка. Затоа, глобалистите сметаат дека „зачувувањето на придобивките од добро уредената глобална економија ќе бара кооперативни и координирани напори“.
Според анализата, потрагата по историски паралели е секогаш напорна, но денешниот економски предизвик не е различен од она со што Западот се соочи во раните 1970-ти. Во двата периода, зголемените цени на суровините, особено на нафтата, ги влошија основните инфлациски притисоци. И во двете ситуации, ослабените Соединети Американски Држави, кои закрепнуваат од неуспешните војни и социјалните поделби дома, предизвикаа сомнеж и кај сојузниците и кај противниците. Одлуката на претседателот Ричард Никсон од 1971 година да ја прекине врската на доларот со златото и да воведе привремени увозни тарифи беше неговата верзија на трговските војни на претседателот Доналд Трамп – порака до светот дека Соединетите Американски Држави повеќе не се подготвени да ја платат цената за водење на глобалната економија.
Иако споредбата нема да ги увери инвеститорите што се сеќаваат на таа деценија, 1970-тите исто така беа период во кој западните земји повторно создадоа економски поредок што добро му служеше на светот многу децении потоа. По доларскиот шок на Никсон, Соединетите Американски Држави, Европа и Јапонија се собраа за да го обноват глобалниот монетарен систем околу флексибилните девизни курсеви. Франција и Германија го започнаа првиот економски самит на Г6 во 1975 година, кој подоцна стана Г7, како форум за координирање на одговорите на Западот на предизвиците, како што се инфлацијата, невработеноста, енергетските шокови, трговските спорови и валутните флуктуации. Западните земји, исто така, се собраа за да започнат голема нова рунда глобални трговски преговори, што на крајот доведе до создавање на СТО и експлозија во светската трговија, ама по нивен „глобализациски терк“.

Украина – почеток на ново нешто?

Но многу работи сѐ уште се непознати, се разбира. Ако војната во Украина продолжи, решителноста на Западот ќе биде поинтензивно тестирана.
Американците би можеле да реагираат на инфлацијата и зголемените цени на нафтата со казнување на Бајден на среднорочните избори и потоа.
Европејците, кои ќе платат многу поголема цена ако рускиот увоз на енергија се намали, на сличен начин би можеле да ги изгубат нервите и да извршат притисок за договарање со Путин.
Но, според анализата, поттикнувањето на колективниот дух поради постапките на Русија сугерира дека постои сѐ поголем мотив за решителност на Западот за враќање во првобитната состојба. Глобализацијата е рецепт за воспоставување светски економски поредок што ним најмногу им одговара.
Кризата би можела да биде катализатор што повторно ќе го спои Западот за да започне со поправка на распаднатиот глобален економски поредок, се вели во анализата.
Но дали другата страна ќе дозволи да се случи тоа? Дали ,напротив, Украина ќе биде крај на глобалниот економски поредок воспоставен од Западот? И дали, всушност, Украина е почеток на ново нешто?