Велика Британија

Продолжуваат проблемите за британскиот премиер Борис Џонсон, кој сѐ потешко успева да ја задржи власта на Даунинг стрит 10. Во знак на несогласување со неговите политики на владеење, веќе извесен број министри и владини службеници поднесоа оставки, а таквата практика продолжи и вчера.
Британските медиуми потсетуваат дека пред само еден месец, Џонсон го преживеа гласањето за доверба поднесено од неговите конзервативци, по сознанијата дека учествувал на пијанките во седиштето на Владата на Даунинг стрит, во периодот кога владините политики строго забрануваа општествени собири поради пандемијата на коронавирусот, дури и за погребите и венчавките на најблиските.
Овој пат на Џонсон му се префрла дека ја игнорирал загриженоста на неговите сопартијци по сознанијата за проблематичното однесување на осрамотениот заменик на шефот на парламентарната група на конзервативците, Крис Пинчер. Пинчер поднесе оставка минатата седмица по тврдењата дека во алкохолизирана состојба нападнал и „допирал“ двајца млади мажи во приватниот клуб „Карлтон“. Она што е дополнителен проблем за Џонсон е фактот дека тој бил запознаен со проблематичното однесување на Пинчер уште во 2019 година.

Огорченоста поради овие настани поттикна повеќе оставки во владиниот кабинет, а вчера последен поднесе оставка министерот за деца и семејство Вил Квинс, кој изјави дека не може да прифати да биде испратен да го брани премиерот на телевизиите со неточни информации за судирот околу Пинчер. Квинс беше еден од министрите испратени преку медиумите да го одбранат ставот на Џонсон против Пинчер. Премиерот подоцна призна дека бил претходно известен за обвинувањата против Пончер, кои датираат од 2019 година и рече дека жали што потоа го задржал во Владата.
Пратеничката на владејачката Конзервативна партија во парламентот, Лора Трот, исто така вчера поднесе оставка на позицијата помошник-министер, велејќи дека „довербата во политиката секогаш мора да биде од најголема важност, но, за жал, последните месеци таа е загубена“.
Нивните оставки следуваа по низата заминувања од Владата во вторникот, предводени од Риши Сунак и од Саџид Џавид. Уште во текот на ноќта кон средата Џонсон ги именуваше Надим Захави за наследник на Сунак во Министерството за финансии и Стив Баркли на местото од Џавид во Министерството за здравство.

Подготвил: Марјан Велевски