Германија

Против раководството на германската партија на Зелените, вклучувајќи ги и новиот вицеканцелар Роберт Хабек и министерката за надворешни работи Аналена Бербок, започнала истрага од страна на берлинското обвинителство, поради исплата на бонуси за пандемијата во минатата зима. Портпаролот на берлинското јавно обвинителство, Мартин Штелтнер, изјави дека постои „почетно сомнение за проневера“. Според него, станува збор за најниско ниво на сомнение. Причина за тоа биле „неколку претставки“ од приватни лица, истакна Штелтнер, кој со тоа ги потврди пишувањата на неделникот „Шпигел“. Претходно и од партијата на Зелените потврдија дека е започната истрага против сојузниот извршен одбор.
Во прашање е улогата на партиското раководство во одобрување на „корона-бонусот“ од 1.500 евра по лице за вработените во централата на партијата и на самите лидери. Бонусот требало да ги надомести непријатностите предизвикани со работењето од дома и за реновирање на зградата на партијата. Во шестчлениот сојузен извршен одбор на Зелените се и лидерите Роберт Хабек и Аналена Бербок. Хабек е актуелен германски вицеканцелар и министер за економија и заштита на животната средина, а Бербок е министерка за надворешни работи во владата на канцеларот Олаф Шолц.