Михаил Горбачов (лево) и Џејмс Бејкер во 1990 година/Фото: Универзитет „Џорџ Вашингтон“

Аналитичарите ги припишуваат корените на моментната украинска криза кон занемарувањето на потребата да ги стави усмените ветувања на законска форма од страна на поранешниот советски претседател Михаил Горбачов, како и кон истрајувањето на НАТО оти процесот на проширување е отворен и дека секоја држава која ги исполнува критериумите за членство има право да се придружи кон Алијансата, пишува „Ал Џезира“.

Документите од кои е симната ознаката на тајност од американскиот Национален арвих, на кои се повикува „Ал Џезира“ покажуваат оти поранешниот советски претседател Горбачов добил усмени сигурносни гаранции дека нема да дојде до ширењето на Северноатлантската алијанса на исток од страна на американскиот претседател Џорџ Буш Постариот, неговиот државен секретар Џејмс Бејкер, германскиот канцелар Хелмут Кол, британската премиерка Маргарет Тачер и од францускиот претседател Франсоа Митеран.

Ветувањата дошле во контекстот на преговорите за обединувањето на Германија 1990 година, што се смета дека дава значителен кредибилитет на негодувањата на Русија дека е измамена во врска со ширењето на НАТО.

На состанокот со Горбачов за иднината на европската сигурност одржан на 9 февруари 1990 година, Бејкер во три наврати ја кажал познатата реченица „ниту сантиметар кон истокот“, во експлицитната потврда дека Вашингтон не намерува проширување на НАТО кон исток.

Но Горбачов не се потрудил да бара сите овие ветувања да се запишат во документ што ќе биде потпишан, како би станал обврзувачки за страните-учеснички во иднина. Одредени историчари и аналитичари сметаат дека со документирањето на ветувањата би се избегнала и сегашната украинска криза, заклучува „Ал Џезира“.