Фото: Бела куќа/Твитер

Засилените тензии помеѓу САД и Русија во врска со Украина бргу се доближуваат до точка во која мирниот излез од кризата би можел да биде невозможен, пишува „Си-ен-ен“.

– Американскиот претседател Џо Бајден, поддржан од потполната симболичка моќ на западната алијанса, е фатен во костец со рускиот претседател Владимир Путин. Ниту еден од нив не попушта. Да се стори тоа е непрактично, земајќи ги предвид огромните политички влогови на двете страни – се наведува во анализата на американската телевизиска мрежа.

Во украинскиот ќорсокак, се нагласува и дека Бајден веќе кажал оти нема да праќа американски трупи во Украина која не е членка на НАТО.

– Реалност е што двете водечки нуклеарни сили имаат дуел во нивниот најтензичен тест на волји уште од падот на Советскиот сојуз. Руската инвазија на Украина би можела да го поттикне најголемиот судир на конвенционални армии во Европа уште од Втората светска војна. А влог за Американците претставуваат кредибилитетот на Западот и перцепциите за американската глобална моќ, како и можноста за секундарни последици кои ќе се почувствуваат дома. На пример, криза поттикната од цените на енергенсите – пишува „Си-ен-ен“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска ќе се сретнат во Женева, Швајцарија, да разговараат за ситуацијата. Но САД одбиваат да ги прифатат отстапките барани од Русија, за кои сметаат дека би го компромитирале НАТО, заклучува „Си-ен-ен“.