Фото: Твитер

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека е невозможно да се решат горливите прашања, како што е глобалното затоплување, без ефективен дијалог меѓу Кина и САД, изјави неговиот портпарол.

– За генералниот секретар, невозможно е да се решат актуелните проблеми во светот без дијалог и ефективна соработка меѓу двете земји – рече Стефан Дужарик, кој одговараше на прашања поврзани со најавата на Пекинг дека ја прекинува соработката со Вашингтон во повеќе домени, вклучително и во областа на климата.

Кина објави дека ја прекинува соработката со САД во повеќе области, вклучително и дијалогот меѓу високите воени команданти и разговорите за климата како одмазда за посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван, соопшти Пекинг.

Кинеското Министерство за надворешни работи исто така објави дека ја прекинува соработката со Вашингтон за спречување на прекуграничен криминал и трговија со дрога и за репатријација на илегални мигранти.

Вкупно, Пекинг усвои осум мерки. Во изјавата веднаш по заминувањето на Пелоси од Јапонија, Кина го откажа планираниот билатерален состанок за поморскиот воено-безбедносен механизам.